На свечена академија која на 7-ми декември 2021 година се одржа во големата сала на општина Охрид, беа доделени највисоките општински признанија, Наградата и Повелбите „Св. Климент Охридски“.

Ми претставува голема чест и задоволство што сум дел од овогодинешните добитници на Св. Климентовата Повелба, истакна во своето обраќање охридскиот активист за правата на лицата со ретки болести Гордана Лолеска.

– Ова општествено уважување претставува признание за целиот изминат труд, но исто така, ми дава стимул и мотив да продолжам активно и неуморно кон подобрување на квалитетот на живот на лицата со ретки болести. Наградата не е само моја, таа е наша, заедничка мои Охриѓани, бидејќи без вашата поддршка јас сама не ќе можев ниту да организирам, ниту да реализирам еден настан посветен на пациентите со ретки болести. Во знак на почит, одлучив признанието да го поделам со волонтерите на Црвениот крст, со спортските, културните и образовните работници, а секако и со медиумите кои годиниве беа мојот ветер во грб за секој настан да биде најсоодветно пренесен низ етерот. Благодарение токму на нив, нашата заедничка борба за видливост на ретките болести го обиколи целиот свет, а за нашиот ентузијазам добивме пофалби и од Светската заедница за ретки болести. Моите деца се мојата најголема сила. Ема, Андреј и Давид, Ви благодарам што секогаш бевте до мене, ме поддржувавте да продолжам и никогаш да не се откажам. Оваа повелба им ја посветувам на пациентите со ретки болести за кои сè уште нема никаков третман, а посебно на децата и родителите со Алпортов Синдром. Продолжувам и натаму безусловно да се вложувам и да се борам за нашите деца, родители, пријатели, колеги, наши сограѓани – лица со ретки болести. Охрид повторно ќе блеска во боите на ретките. Ве повикувам на поддршка, ајде заеднички да им го подобриме животот на оваа група на граѓани, порача Лолеска.