Лицата со ретки болести и нивните најблиски ја заслужуваат нашата постојана поддршка и подадена рака. Искрено се радувам што и оваа година им го посветуваме месецот февруари и тоа што по петти пат ќе ја поддржиме националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“ која има за цел да ја подигне јавната свест во општеството и да обезбеди подобри услови за третман и лекување на овие лица.

Со ваква порака, првиот човек на Охрид, градоначалникот д-р Кирил Пецаков ја поддржа Националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“ која започна денеска.

– Само преку заедничка соработка, гласно зборување за ретките болести и поголемо споделување на информации во јавноста, ќе се овозможи полесно надминување на предизвиците и ќе се обезбеди исполнување на долгорочни цели. Општина Охрид во согласност со програмите и законските регулативи за социјална заштита, во континуитет поддржува активности и проекти за обезбедување подобри услови за лицата со ретки болести. Со цел да им се излезе во пресрет на нивните потреби, да се обезбеди поголема инклузија и да им се овозможи поголем напредок во образованието, втора година по ред доделуваме стипендии за ученици, студенти и магистранти со ретки болести. Горд сум што преку конкретни мерки покажавме дека може да се најде начин и да се обезбеди скромна поддршка која е од големо значење за овие лица. Се надевам дека ќе бидеме позитивен пример и поттик за останатите јавни институции, кои треба да вложат поголеми напори и да ги исполнат барањата на лицата со ретки болести. Охрид и годинава ќе блесне во боите на ретките и ќе испрати јасна порака за поддршка на неуморната борба со предизвиците, кои секојдневно ја водат овие лица и нивните семејства. Посакувам секој зрак светлина да им донесе нова надеж за поубаво утре, подобро здравје и посреќен живот. Ви посакувам успешна кампања, порача Пецаков.